Историјат на ИПО Галеб

    Извидничкиот поречански одред Галеб е формиран 1955 година и се вбројува меѓу најстарите одреди во Републиката, а воедно и е прв формиран поречански одред во Републиката. Цел на одредот е да придонесува во развојот на младите луѓе во достигнувањето на нивните пополни физички, интелектуални, опшествени и духовни можности како поединци, како одговорни граѓани и како членови на нивните локални и национални заедници, како и меѓународната заедница.


Во изминативе 53 години одредот активно работел и низ неговите редови поминале неколку илјадници извидници. Исто така, одредот активно земал учество на активности организирани од други одреди. остварувал соработка со извиднички одреди и сојузи надвор од границите на нашата земја и бил вклучен во активностите на Сојузот на Извидници на Југославија (во бившата СФРЈ) и Сојузот на Извидници на Македонија (СИМ), чиј член е и денес. Преку членството во СИМ извидничко поречански одред Галеб е член и на светската организација за извидничкото движење (WOSM). Има организирано повеќе летни извиднички кампови во: Каштел, Зеленика, Сутоморе а од 1981 година до денеска традиционално во текот на летото организира летен извиднички камп во Чањ на црногорското приморје.Покрај активностите од основната програма на СИМ одредот работи на проекти, самостојно или во соработка со други организации од различни сфери кои за цел имаат позитивно да влијаат на развојот на нашето опшество, посебно на младите. Како на пример би ги навеле еколошкиот проект мисли розево дејствувај зелено со кој беа посадени 1000 садници на падините на Водно и проектот Ден потоа со штитениците на воспитно поправниот дом во Тетово каде преку нивното вклучување во извидничките активности се работеше на нивната ресоцијализација.

                           
 
    Во моментов одредот брои околу 100 членови распоредени во 3 посади, 3 патроли и 4 јата. Просториите на одредот се наоѓаат спроти ТЦ Рамстор во кулата до ресторанот Виториа во мезанинот