| РИОН 2009 |
|
Во организација на Сојузот на Извидници на Македонија во периодот од 09-12.10.2009 година се одржа традиционалниот Републички Извиднички Ориентационен Натпревар (РИОН). Овогодинешниот РИОН се одржа во с. Орел, општина Свети Николе, а домаќин беше ИО "Гоце Делчев" од Свети Николе. ![]() На РИОН учествуваа вкупно 10 екипи од следните извиднички одреди: ИО "Димитар Влахов" од Велес, ИО "Скаут"од Куманово, ИПО "Јадран", ПСИО, ИО "Браќа Миладиновци" и ИПО "Галеб" од Скопје. Екипите од ИО "Скаут"(машка екипа) и ИО "Браќа Миладиновци" (женска екипа) се натпреваруваа вон конкуренција. Според тоа, во конкуренција на натпреварот учествуваа 5 машки и 2 женски екипи. Старешина на РИОН беше Јане Плавевски - Тица од ИПО "Галеб"- Скопје, додека началник беше Александар Миладинов - Коза од ИО "Гоце Делчев" од Свети Николе. Учесниците на натпреварот се натпреваруваа во голем број дисциплини од областа на ориентацијата и топографијата и тоа: пронаоѓање КТ на карта и терен, прва помош и заштита, врзување јазли, цртање скица на движење под азаимут, профил на терен, скица на КТ, скица на дел од помината патека и кроки, пишување на извештај за дел од помината патека, врзување јазли, тест од областа на извидништвото, семафор, морзеова азбука, подигање на бивак, движење под азимут со помош на бусола итн. Учесниците на натпреварот поминаа 2 патеки и тоа: долга патека на 10.11.2009 и кратка патека на 11.11.2009. Ноќта помеѓу 10 и 11.10 учесниците ја поминаа во биваците кои самите ги подигнаа. На овогодинешниот РИОН ИПО "Галеб" учествуваше со три екипи од кои две се натпреваруваа во машка, а една во женска конкуренција. Машките екипи од ИПО "Галеб" ги освоија третото и четвртото место во нивната конкуренција, а на девојките им припадна првото место. Според тоа, ИПО "Галеб" беше победник во генералниот пласман на натпреварот. Првото место во машка конкуренција го освои екипата од ИО "Димитар Влахов" од Велес, а второто екипата од ПСИО од Скопје. Второто место во женска конкуренција го освои екипата од ИПО "Јадран" од Скопје. Што се однесува до целокупната организација и реализација на настанот, може да се каже дека истата беше на едно задоволително ниво. Сончевото и топло време се покажа како сојузник на натпреварувачите и организаторите. Како главен проблем на натпреварот беше забележано постојаното доцнење со реализацијата на предвидените активности. Натпреварот ќе остане запаметен по исклучително тешката патека, која не беше премногу долга, но беше поставена на тешко пристапен терен и, со оглед на застареноста на картите со кои располагаа организаторот и натпреварувачите, беше крајно непогоден за ориентација. Одредот домаќин, воспоставувајќи коректен однос со организаторите и учесниците на натпреварот се покажа во солидно светло. Главоболки на организаторите има задаваше катастрофално малиот број на екипи кои учествуваа на РИОН, состојба која се надеваме дека ќе се подобри во реализацијата на извидничките натпревари кои ќе се реализираат во наредниот период. Повеќе фотографии од РИОН 2009 можете да погледнете во галеријата. |


